Во периодот од 27ми до 29ти мај, нашето здружение беше домаќин на партнер-организации од Република Австрија, меѓу кои и градоначалникот на општина Хернбаумгартен, г-дин Кристијан Франк, градоначалникот на општина Швахенштад и проектниот менаџер г-дин Стефан Нидермосер. Посетата се реализираше во рамките на проектот ТРАНСАКТ и опфати средби со нашето здружение, како и со институции со кои соработуваме.

За време на посетата, ги споделивме предизвиците и достигнувањата поврзани со испораката на услугата „медицинска сестра во заедницата“, како и обезбедувањето психолошка и социјална поддршка за граѓаните. Заедно со нашите партнери ги идентификувавме и новите можности за унапредување на овие услуги.
На средбата со директорот на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Прилеп, г-дин Зоран Малкоски, ја истакнавме важноста од меѓусебната соработка за испорака на квалитетни услуги за лицата во социјален ризик.

Во општина Прилеп се одржа и работна средба со градоначалникот г-дин Борче Јовчески, претседателката на Советот на општина Прилеп, г-ѓа Ирена Стерјовска, и секретарот на општината, г-дин Марјан Матракоски. На средбата беа презентирани тековните мерки и иницијативи на општината во областа на социјалната и здравствената заштита, како и идните планови за соработка со институции, невладини организации и професионалци во насока на креирање сеопфатни и достапни услуги согласно потребите и правата на граѓаните.

Соработката со ЈЗУ Центар за јавно здравје Прилеп беше официјализирана со потпишување на Меморандум за соработка со директорот г-дин Горан Кузески, кој предвидува заедничко делување во областа на здравствената превенција и социјалната медицина.

Во рамките на посетата, реализиравме и средба со службата за итна медицинска помош во Прилеп, каде што се разменуваа искуства и практики за унапредување на пристапот до итна здравствена поддршка.

Споделувањето на добри практики и нивно мултиплицирање со поддршка на институции и организации препознатливи по своите резултати е патот кон одржлив успех. Веруваме дека, со поддршката на нашите партнери од Австрија, ќе продолжиме да развиваме и обезбедуваме квалитетна здравствена и социјална грижа за граѓаните во социјален ризик, директно во нивните домови.