По повод 10 Декември – Меѓународниот ден на човековите права, во Дневниот центар „Ѕуница“ се реализираше активност исполнета со позитивна енергија, заедништво и силни пораки за еднаквост и инклузија.
Настанот беше одбележан преку заедничка дружба со корисниците на центарот, при што во фокусот беше ставена важноста од унапредување на правата и можностите на лицата со попреченост. Преку разговор, дружење и споделени моменти, се испрати јасна порака за потребата од поширок спектар на услуги и создавање услови за целосна инклузивност во сите сфери на општественото живеење.

Посебен придонес за атмосферата на настанот дадоа учениците од ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп, IV-г одделение, кои заедно со својата наставничка Теодора Стојановска се приклучија кон одбележувањето. Нивното присуство донесе дополнителна радост, искреност и топлина, потврдувајќи дека вредностите на почитување, прифаќање и еднаквост се учат и негуваат уште од најрана возраст.
Меѓународниот ден на човековите права претставува потсетник дека секој поединец има право на достоинствен живот, еднакви можности и активно учество во заедницата. Преку вакви активности се зајакнува свеста дека инклузијата не е само принцип, туку секојдневна практика која бара заедничка посветеност.
Остануваме посветени на создавање општество во кое различностите се прифаќаат како вредност, а правата на сите граѓани се почитуваат и унапредуваат.