Во текот на месец декември 2025 година, реализиравме хуманитарна акција за дистрибуција на вкупно 250 социјални пакети со основни прехранбени продукти и хигиенски средства, наменети за ранливи категории граѓани во општините Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Градско.

Акцијата започна на 10 Декември – Меѓународниот ден на човековите права, со цел да се потсети на важноста од обезбедување достоинствени услови за живот за секој поединец. Преку оваа активност упативме порака дека човековите права не се само принцип, туку обврска што треба да се практикува секојдневно, особено кога станува збор за поддршка на најранливите.

Дистрибуцијата на пакетите се реализираше во повеќе фази и опфати различни категории на корисници, вклучително и лица во социјален ризик, како и корисници на дневни центри.

Во пресрет на новогодишните празници, активностите продолжија и во општина Градско, каде беа доделени хуманитарни пакети за семејства кои се соочуваат со секојдневни предизвици.
Оваа иницијатива се реализираше во рамки на проектот ТРАНСАКТ, со поддршка на Австриското Сојузно Министерство за труд, социјална политика, здравство, нега и заштита на потрошувачи, со цел да се обезбеди олеснување на секојдневието на лицата во социјален ризик во празничниот период.

Оваа акција уште еднаш ја потврди важноста на солидарноста, хуманоста и заедничката одговорност. Иако станува збор за мал гест, неговото значење е големо за оние на кои им е најпотребно – носејќи чувство на сигурност, поддршка и надеж.
Нашата заложба останува насочена кон континуирано унапредување на квалитетот на живот на граѓаните и градење општество во кое никој не е заборавен. Веруваме дека само преку заеднички напори можеме да создадеме посолидарна и похумана заедница, каде секој има пристап до основните услови за достоинствен живот.
