Во периодот од 20ти до 24ти април, делегација предводена од Здружението „Центар за развој и едукација“ – Прилеп, реализираше студиска посета на Република Австрија. Целта на посетата беше размена на искуства и запознавање со австрискиот систем на социјална и здравствена заштита, како дел од иновативниот проект „Трансакт: Медицинска сестра во заедницата“.
Овој проект е единствен од ваков тип во регионот и нуди широк спектар на бесплатни услуги, вклучувајќи поддршка од медицинска сестра, психолог, физиотерапевт, специјален едукатор и рехабилитатор, како и социјален работник.
Во делегацијата учествуваа претставници на Здружението, заменик-министерот за здравство, претставник од Министерството за социјална политика, демографија и млади, претставницк од Заводот за социјални дејности, градоначалниците на општините Кривогаштани и Градско,претставник на општина Прилеп и претставник на Здружението за Церебрална парализа Велес.

Стратешки средби во сојузните институции
Првиот ден од посетата беше посветен на официјална средба во Сојузното министерство за социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачи на Австрија.
- Презентација на резултати: Претставниците на Центарот од Прилеп ги презентираа досегашните успеси на проектот „Трансакт“. Домаќините Andreas Schaller, Christina Schindlegger, Matthias Posch и Michael Goschelbauer го претставија австрискиот План за социјални услуги 2024-2028.
- Волонтеризам: Денот заврши со презентација на успешни модели за инклузија, каде волонтери активно помагаат во секојдневието на децата со попреченост.

Нојленбах: Модел за грижа во заедницата
Вториот ден делегацијата беше примена од градоначалникот на Општина Нојленбах, Jürgen Rummel. Фокусот беше ставен на два клучни столба:
- Психолошка поддршка: Советување за лица кои се соочуваат со стрес, анксиозност и депресија.
- Community Nurse (Медицинска сестра во заедницата): Пилот-проект кој веќе дава одлични резултати во подобрување на квалитетот на животот на старите лица преку домашни посети и координација помеѓу лекарите и семејствата.
Посетата продолжи во геријатрискиот центар „Clementium“, каде над 100 корисници (лица со деменција и хронично болни) добиваат врвна нега, а беше посетен и локалниот Младински центар како простор за креативно изразување и поддршка на младите.

Институционална организација и заштита на ранливи групи
Третиот ден делегацијата го посети Црвениот крст во Нојленбах, каде беше демонстрирана врвната опременост и организациона структура. Исто така остварени се посети во:
- „Notruf“ центарот: Систем за здравствена грижа во домашни услови каде медицински сестри ја следат терапијата и виталните функции на пациентите.
- Центарот за жени жртви на семејно насилство: Институција која нуди безбедност, медицинска и психолошка помош преку високостручен кадар.
- Општа болница Mistelbach – запознавање со работата и дел од кадарот како и поставеноста и рзазмена на искуства
Палијативна нега и младински активизам во Мистелбах
- Последниот дел од посетата беше реализиран во Мистелбах. Членовите на делегацијата се запознаа со работата на Hospice центарот за палијативна нега, каде се посветува огромно внимание на достоинството на пациентите во терминална фаза. Исто така, беа разменети искуства со волонтерите на Црвениот крст во Мистелбах и локалниот младински центар.
„Оваа студиска посета ни потврди дека насоката во која се движи нашиот проект ’Трансакт‘ е во согласност со европските стандарди. Искуствата од Австрија ќе бидат директно имплементирани во нашиот регион за уште подобра грижа за нашите сограѓани“, изјавија од Здружението Центар за развој и едукација – Прилеп.












