Во рамки на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, во декември 2025 година реализиравме активности насочени кон подигнување на јавната свест и поттикнување на општествена одговорност во справувањето со овој сериозен предизвик.
На 09 декември 2025 година, во Градско се одржа театарскиот перформанс „МаЖки проблеми, женска мака“, преку кој на креативен и силен начин беше отворена темата за родово базираното насилство. Настанот имаше за цел да поттикне размислување, дијалог и препознавање на насилството како општествен, а не приватен проблем. Преку уметноста се испрати јасна порака за нулта толеранција и потребата од континуирана акција за создавање безбедна средина за секоја жена и девојка.

На 10 декември 2025 година, во просториите на Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп се одржа предавање на тема „Дијалог за промена: Предизвици и решенија против родово базирано насилство“. На настанот учествуваа претставници од релевантни институции и стручни лица, меѓу кои здравствени работници, претставници од социјалната заштита, полицијата и психолози.

Преку отворен дијалог беа обработени клучни прашања поврзани со родово базираното насилство, неговото влијание врз поединците и заедницата, како и предизвиците со кои се соочуваат жртвите. Се дискутираше за улогата на институциите, потребата од подобра координација, поддршка и едукација, како и за значењето на превенцијата. Особено значајно беше споделувањето на професионални искуства и примери од пракса, кои придонесоа за поголемо разбирање и емпатија.

Двата настани испратија силна заедничка порака дека родово базираното насилство бара јасен став, заедничка акција и континуирана посветеност. Само преку соработка меѓу институциите, организациите и граѓаните може да се создаде општество во кое насилството не се толерира, жртвите се поддржуваат, а одговорноста е јасно поставена.




Нашата заложба останува насочена кон градење заедница во која секој глас се слуша, а секој поединец придонесува кон создавање безбедно, праведно и достоинствено општество за сите.