Овие два дена – 17 и 18 ноември 2025 во Тирана, учествуваме на меѓународниот форум „Иновативни социјални услоги – Пат до инклузивност“, што се одржува во организација на Министерството за здравство и социјална благосостојба на Албанија, Федералното министерство за труд и социјална политика на Австрија и УНИЦЕФ Албанија.

Овој форум има за цел да ги презентира добрите практики во развој и испорака на социјални услуги кои се базирани на човековите права и во создавање социјални услуги кои ги адресираат реалните потреби на ранливите групи на граѓани.

На овој настан имавме можност да ги претставиме социјалните услуги Помош и нега во домот и Медицинска сестра во заедницата кои континуирано бележат позитивни резултати и се успешна приказна за заедничка соработка помеѓу граѓанска организација – давател на социјални услуги и општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени и Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа Прилеп со заедничка цел – воспоставување и испорака на квалитетни социјални и здравствени услуги.

Институции и организации од Република Австрија и Република Албанија споделија инпути за модернизација на социјалните услуги, пристапот до услуги како основно човеково право, улогата на локалната самоуправа во зајакнување на заедниците, како и важноста од квалитетни, одржливи и инклузивни модели на социјална поддршка.

Со вмрежување, размена на идеи и искуства, и соработка продолжуваме да даваме придонес за обезбедување на социјални услуги и градење на инклузивно општество каде секој еден е важен.